20.11.2015
За прв пат до сега, на американските и австралиски астрономи им успеа да снимат фотографии од создавање на нов планетарен систем околу млада ѕвезда, оддалечена од нас 450 светлосни години. Станува збор за снимки на гравитациска концентрација на гасови и прашина околу младата ѕвезда LkCa 15 (стара само 2-3 милиони години) од кои се формираат нови планети. Околу самата ѕвезда е утврден протопланетарен диск од гасови и честички кои заостанале при нејзиното формирање. Тие го даваат градбениот материјал за новите планети. Иако веќе се откриени стотици нови егзопланети, ниту една од нив не беше во фаза на протопланета или планетарно формирање.
Последните снимки на планетарен систем во формирање се од огромно значење, бидејќи индиректно се добива потврда на некои досегашни хипотези за формирање на нашиот сопствен планетарен систем. Воедно, во последните десетина години стана јасно дека планетарните системи не се привилегија само за нашиот Сончев систем, туку се нормална и релативно честа појава во вселената. Во блиска иднина истото ќе се покаже и во однос на живиот свет (можеби веќе во следните неколку децении).
Едновремено, неодамнешните откритија на најдалечни џуџести планети во нашиот сончев систем, даваат нови погледи за настанокот и еволуцијата на планетарните ѕвездени системи. Истражувањата пак на нашите најблиски соседни планети: Венера и Марс, покажаа какви нагли промени и последици може да настанат под одредени фактори и какви закани се можни во однос на Земјата. Зголемено количество на јаглерод диоксид довело до тоа површината на Венера да е ужасно загреана како во фурна (наместо просечните 30-40 степени, денес температурите се 400-450 степени). Сончевиот ветар на Марс пак, предизвикал „одувување“ на неговата атмосфера, пад на притисокот, нагло заладување и исчезнување на водните басени.
Извор: http://www.popularmechanics.com/space/deep-space/news/a18231/birth-of-a-new-planet/
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3707 пати!