22.09.2015
Со најновата верзија “QGIS 2.10. Pisa” која официјално излезе на 26 јуни оваа година, бесплатниот софтверски пакет QGIS (поранешен “Quantum GIS”) стана одлична замена за професионалниот, но за наши услови доста скап ArcGIS. Со последните промени, значително е подобрен графичкиот изглед на работните полиња и менија, подобрена е визуелизацијата на висински модели, гридови, растери, снимки и фото-подлоги, поедноставени се можностите за исцртување, корекција и поместување на векторски објекти, додадени се бројни алатки за просторни анализи, потоа нови типови на графикони и дијаграми, како и бројни опции за финално дотерување на картите. Особено значајни промени се во однос на натписите (топоними, ороними, хидроними и др.), каде има речиси исти, а во некои сегменти дури и подобри можности од ArcGIS. Всушност, може да се каже дека QGIS веќе претставува сериозна и професионална GIS алатка. Затоа, во светот се почесто се користи во образовниот процес (од основно до високо образование), потоа во просторни научни истражувања, во разни владини и невладини институции, агенции, картографски и професионални ГИС институции и многу други.
Инаку, QGIS за првпат се појави во 2002 година, тогаш под името Quantum GIS, развиен од страна на Гери Шерман и тоа првин за Линукс. Подоцна, во развојот на QGIS се вклучија голем број на волонтери, а финансирањето на целиот проект почнаа да го помагаат разни институции и поединци. Денес, QGIS е достапен за 4 различни оперативни системи: Windows, Linux, UNIX и MacOS.
Покрај тоа што е бесплатен, QGIS има и повеќе други предности: лесна работа со векторски, растерски објекти и гео-датабази, одлична брзина во извршување на функциите, голем број на опции, постојаното надградување (на секои 4 месеци), инкорпорација на повеќе други слободни ГИС пакети (SAGA GIS, GRASS GIS, PostGIS) и др. Во таа смисла, QGIS може да се користи за најразлични потреби: од изработка на едноставна географска карта, до сложени атласи, детални релјефни моделирања, па дури и динамички модели на природни непогоди – ерозија, свлечишта, поплави, пожари, климатски осцилации; потоа анализи на сателитски снимки и др.
Без оглед дали сте почетник во ГИС или напреден корисник, работата во QGIS е релативно едноставна, брза, а визуелните резултати може да бидат навистина восхитувачки. Токму од тие причини, QGIS е еден од задолжителните софтверски пакети кои веќе неколку години се изучуваат на насоката ГИС на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.
Последната верзија на QGIS можете да ја симнете овде.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6241 пати!