8.10.2014
Некои од најголемите светски чуда претставуваат природни и историски локалитети кој постојат стотици и илјадници години. Меѓутоа, поради урбанизацијата, климатските промени, природните катастрофи и загаданувањето, многу е веројатно дека некои од тие преубави места ќе исчезнат веќе до крајот на овој век. Во овој краток преглед издвоивме само неколку за кои сметаме дека се меѓу најпознатите.
Долина на Кралевите во Египет
Последното почивалиште на моќните египетски фараони, како што биле Размес II, Тутанкамон и др., со векови будело стравопочит и восхит. Овој простор, воедно привлекол многу ловци на богатства кои направиле ненадоместливи штети. Меѓутоа денес Долината на Кралевите е соочена со други видови закани кои не доаѓаат од алчните „археолози“, туку од илјадниците добронамерни туристи. Поради огромниот број на посетители, се појавиле такви видови на габи кои почнале неконтролирано да растат и да се развиваат околу гробовите. Научниците веруваат дека тоа е заради лошата вентилација и дишењето на илјадници посетители. Директорот на Египетскиот музеј, неодамна објави дека поради новонастанатата ситуација, Долината на Кралевите (онаква како што ја знаеме) би можела да исчезне за најмногу 150 години.
Сејшели
Сејшели се група од 115 острови во близина на Мадагаскар, кои биле релативно ненаселени се до доаѓањето на британските колонизатори во почетокот на 17-тиот век, а набрзо станале рај за гусари. Денес, Сејшелите се познати како преубаво одмаралиште и живеалиште на некои од најретките растителни и животински видови на светот. Меѓутоа, глобалното затоплување кое резултира со подигањето на нивото на светското море, овде веќе прави големи проблеми. Така, до крајот на векот повеќе од половина од Сејшелските острови најверојатно ќе потонат, а со самото тоа ќе исчезнат бројни ретки растенија и животни. Порастот на температурите веќе сега влијае на коралните гребени и нивниот сложен екосистем, уништувајќи и „оголувајќи“ значителен дел.
Олимпија, Грција
Иако многумина знааат дека древна Олимпија се наоѓа во Грција, ретки се оние на кои им е познато нешто повеќе за Олимпија и постанокот на овој град. Иако има бројни легенди и преданија, се смета дека Олимпија била посветена на богот Зевс; од величествената 13 метарска златна статуа, па до самите Олимписки игри. Денес, остатоците од славната Олимпија се покриени со ниска жбунеста вегетација и сува трева, која заради високите температури и честите пожари, го уништува целиот локалитет.
Чан Чан археолошка зона
Чан Чан е град од пред-Колумбовата доба кој се наоѓа во Перу, а се протега на површина од 20 км кв. Бил населен од припадниците на народот Чим, кои градот го поделиле на девет автономни делови. Она по што градот е единствен е неговата технолошка напредност за своето време. Така, овој град во целост бил опфатен со водоводна мрежа, а постоело и наводнување – нешто што во „цивилзирана” Еврпоа уште на никој не му било во мислите. Денес Чан Чан полека и сигурно исчезнува под влијание на временски непогоди предизвикани од феноменот Ел Нињо, а честите земјотреси како да сакаат што поскоро да го уништат овој локалитет.
Таџ Махал, Индија
Корените на овој чудесен локалитет потекнуваат од гробницата која Шах Јахан ја подигнал за својата жена и за чиј завршеток требало 20 години. Се смета за еден од најфасцинантните чуда од древното доба. Меѓутоа, за пет години Таџ Махал би можел да биде затворен за посетителите. Загадувањето на воздухот и водата на овој простор, предизвикаа постепено пожолтување на прекрасната бела боја на оваа зграда. Пред неколку години, Индискиот Врховен суд пресудил дека власта мора да вложи неколку милијарди долари во обнова на оваа зграда, но засега нема видливи подобрувања.
Национален парк на глечари, Монтана Сад
Пред 10.000 години ледот на подрачјето на националниот парк Монтана бил дебел околу 1600 метри, а 1910 година кога паркот е основан, биле околу 150 глечери. Денес се останати само уште 25 од нив, а се претпоставува дека и тие поради глобално затоплување ќе исчезнат до 2030 година.
Аралско Езеро
Аралско Езеро или често нарекувано Аралско Море (на локален јазик: „море на острови“) e солено езеро на границата помеѓу Казахстан и Узбекистан. До средината на минатиот век ова езеро беше четврто по големина во Светот со површина од околу 68,000 км кв. и максимална длабочина од 115 метри. Меѓутоа, од 1960 година наваму, езерото старо близу 6 милиони години, започна драстично да се намалува и исушува. Главна причина за тоа беше намалениот доток на вода од двете негови притоки Аму Дарја и Сир Дарја, чии води беа пренасочени кон систем за наводнување изграден од поранешната СССР. Заклучно со месец септември 2014 година, површината на сите делови на Аралско Езеро изнесува само 5000 км кв., а за неколку години или децении, можно е потполно да исчезнат сите остатоци од езерото. Поради ваквите промени и изумирањето на бројни растителни и животински видови, Аралското Езеро станува пример за вистинска еколошка катастрофа.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5847 пати!