Циркот Рупа, најјужниот цирк во Македонија

26.10.2019

Во почетокот на месец август 2019 година, на јужните делови на планината Баба беа извршени теренски истражувања со кои се утврдени интересни геоморфолошки форми и појави на овој простор. Меѓу нив, најзначаен е циркот во изворишниот дел на Брајчинска Река, во месноста позната како Рупа. Овој цирк има североисточна експозиција, со широчина од околу 500 m, а должина околу 360 m. Циркот се наоѓа на 21°14`26″ ИГД и 40°50`24″ СГШ, така што по својата положба е најјужниот цирк во Македонија. Неговото зарамнето дно е на 1940 m, додека рамката му е на околу 2060-2100 m. Од северната страна, дното на циркот е заградено со мала челна морена, а дел од моренскиот материјал е однесен (стркалан) до долината на Брајчинска Река. На дното на циркот има мала локва со периодичен карактер, а истата во текот на пролетните месеци (при топење на снегот), достигнува длабочина до 20-30 сm.

Според податоците што ги добивме од терен, оваа локва-езерце била постојана се до Првата Светска војна, кога на тоа место е подигнат логор, а низ челната морена е прокопан одводен канал. Прокопаниот канал и денес е јасно видлив, со длабочина 1,5-2,0 m. Доколку каналот се засипе (како што бил оригинално), овде повторно ќе функционира постојано езеро – локва, со пречник до околу 80 m. Значајно е да се напомене дека циркот Рупа воопшто не е споменат во досегашната литература, односно главно внимание е посветено на цирковите на север, како што се оние на Големото и Малото Езеро, Вирои (Орлова Бара) и циркот северно од Пелистер. Сите тие се на значително поголема надморска височина (2200-2350 m), во однос на циркот Рупа, што ќе даде нова претстава за опфатот и интензитетот на глацијацијата на Баба Планина (Пелистер).

Освен циркот кај месноста Рупа, посебен впечаток на теренот му даваат околните високи врвови и тоа Бојаџиев Врв (2331 m) на самата граница со Грција и врвот Шканди и Руфес (2196 m) од северната страна. Тие маркантно се издигаат од гребенот на Баба во овој дел, кој пак претставува водораздел помеѓу сливот на Преспанско Езеро на запад и сливот на Црна Река на исток. Инаку, целиот овој простор изобилува со богат биодиверзитет и мошне разновидна тресетишна вегетација.

Поглед на Баба Планина од изворишниот дел на Брајчинска Река, близу до границата со Грција.

Автор на текстот и фотографиите: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5864 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *