8.12.2011. Автор: д-р Ивица Милевски
Кундино е мало пробиштипско село кое се наоѓа 4 километри северозападно од градот, во подножјето на Плавица (1297 m). До селото кое има околу стотина жители, се стигнува преку регионалниот пат Пробиштип-Кратово. Тргнувајќи по овој пат, на околу 4 км од Пробиштип се скршнува десно и се движиме по локален пат уште 1 километар до центарот на селото. Самото село е на 700 метри надморска височина и има архаичен, доста интересен изглед, мешавина на старата селска архитектура и новите, модерни викенд куќи. А покрај селото, има многу што да се види во неговата близина. На север се извишува споменатата голема палеовулканска купа Плавица, со остаток од кратер, односно калдера на неа. Таа е нем сведок на бурниот период од пред дваесетина милиони години, кога експлозивните ерупции исфрлале големо количество лава, гасови и прав. Околу Плавица пак, слично како кај вулканот Етна на Сицилија се распоредени десетина ниски купести ритчиња-некогашни секундарни или „помошни“ вулкански купи, по кои и денес се познаваат трагите од лавата и жестината на ерупциите. Не е никаков проблем да се прошета по дел од овие купи, бидејќи се веднаш до селото Кундино. За да се стигне пак до Плавица, потребно е пешачење од околу еден до два часа. Самата Плавица е толку голема, што може да се смета за вистинска вулканска планина со згасната активност. Од нејзиниот интересен врв на 1297 метри, се протега прекрасен видик кон Пробиштипско на југ, Кратовско на север, Кумановско на запад и Овче Поле на југозапад. Во близина пак, лесно може да се забележи остатокот од стариот кратер кој застрашувачки доминирал во овој простор. Во подножјето на Плавица, кон југозападната страна, има една многу интересна појава на бедленд терен со стотици ендеци, бразди и земјани пирамиди изградени во жолтеникави туфови-призор кој наликува на предели од некој друг свет.
Посебно интересен природен објект во близина на Кундино е малото природно езеро кое според селото е наречено Кундинско Езеро. Ова е многу редок тип на природно езеро, кое за жал по прокопување на одводен канал во 70-тите години од минатиот век е речиси целосно уништено. Затоа денес Кундинско Езеро има повремен карактер и повеќе наликува на тресетиште, со бујна вегетација од трска и шевар. Се наоѓа 1 km североисточно од селото Кундино, на дното на една преиздлабена палеовулканска елипсеста депресија, на надморска височина од 745 m. Всушност басенот на езерото настанал со ерозија на понеотпорните туфови, во однос на поотпорните андезити кои ја сочинуваат рамката околу него. Езерото има специфична положба и полукружен изглед, со доминантен правец на протегање ИСИ-ЗЈЗ. При максимално ниво (за време на интензивни врнежи), неговата должина достигнува 250 m, широчината 30-70 m, должината на бреговата линија 580 m, а површината 13.500 m квадратни. Тогаш, најголемата длабочина му изнесува до 3 m. Езерото вода добива речиси исклучиво од атмосферски врнежи од неговото сливно подрачје (0.34 km), а ја губи преку истекување од споменатиот канал, со испарување, понирање и друго. Без оглед во кој дел од годината ќе се посети, подрачјето околу Кундинско Езеро и самото езеро или сега веќе тресетиште, претставува посебно доживување и прекрасен пејсаж.
Затоа, вреди да се одвои време и да се посетат и доживеат прекрасните пејсажи околу селото Кундино. Ќе ви се чини како да се враќате далеку во минатото, во времето на вулканите!
Автор на текстот: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 9541 пати!