Иако речиси е средина на август, на некои високи планини во Македонија сеуште има заостанат снег!

6.08.2013

Веќе навлеговме во месец август, а десетина дена температурите се навистина тропски, некаде речиси 40 степени целзиусови и тоа во сенка. Сепак, поради поладната, влажна пролет, а слично беше и во почетокот на летото, на некои планини во Република Македонија сеуште се задржуваат помали снежни маси. Во последните децении, како што се затоплува климата во овој регион, обично задржувањето на снегот после средината на јули е вистинска реткост. Оваа година дури е можно одредени снежници да го дочекаат новиот снег. Снежните „крпи“ или „оази“ обично заостануваат на големи надморски височини над 2000 метри, на северни или североисточни експозиции и на присојни страни во карпести вдлабнатини. Од нашите теренски анализи произлезе дека најмногу задржани снежници има на Шар Планина, а еден од најголемите е помеѓу Титов Врв (2747 м) и Турчин (2702 м), во една вдлабнатина на 2500 м надморска височина. Пречникот на оваа кружна снежна маса на 1-ви август беше околу 50 м, а најголемата длабочина на снегот до околу 2-3 метри. Сосема можно е истиот да го дочека следниот снег, особено ако подрани некаде во октомври. На оваа планина има уште десетина мали снежници во цирковите помеѓу 2300 и 2500 м надморска височина. На Кораб од неколкуте снежници што се задржаа во почетокот на август, најголем е оној под врвот Мал Кораб (2683 м), на височина од околу 2550 м. На планинскиот масив Јакупица, единствен снежник кој сеуште опстојува е на северната страна под сртот на Караџица, на околу 2400 м надморска височина. Снежната маса овде е издолжена околу 40 м и широка 10-15 м. На останатите планини во Република Македонија, сосема мали снежници се забележани уште во највисоките делови на Јабланица (над 2100 м).

Што се однесува до планините на Балканот, од информациите што ги добивме, но и од посетите на некои планини, особено големи снежни маси во почетокот на август оваа (2013) година има на Рила (над Леденото Езеро, на околу 2800 м н.в.), потоа на Пирин под северните падини на Вихрен (2924 м), па дури и во највисоките делови на Олимп (2917 м) на југ. Инаку, недоволно е познато дека на Пирин се наоѓа еден мал постојан снежник (на околу 2850 м н.в.) кој се задржува цела година и е единствен од таков тип заедно со оној на Триглав (Триглавски мразник).

Овие снежни маси не само што се атрактивни поради нивното долготрајно задржување дури и преку летниот период, туку имаат големо научно значење. Имено, нивното следење и следењето на промените со текот на годините може да укаже на климатските промени и флуктуации. Анализата на снегот пак т.е. мразот од нив, може да ни даде претстава за промената на хемизмот на повисоката атмосфера, каде човекот нема така големо директно влијание од урбаните средини.

Автор на текстот и на фотографиите: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4009 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *